KoleNedelkovski.edu.mk

Артикли

Останати информации за училиштето

ОБРАЗОВЕН ВЛЕЗ

Покрај определбата за струка и профил, основен услов за влез (запишување) во училиштето е завршено основно образование. За сите одделни образовни профили електротехничкиот и машинскиот актив определуваат ниво на предзнаења на учениците изразено преку успехот од V до VIII одделение во поени.

Во повисоките класови влезот е можен од исти струки и профили или сродни со проверка на знаења од дополнителни наставни предмети.

ПРООДНОСТ

Во рамките на училиштето на учениците им се овозможува вертикална и хоризонтална проодност.

На учениците од профил со тригодишно образование во рамките на една струка им се овозможува да го продолжат образованието во профил со четиригодишно образование како редовни ученици со полагање на дополнителни испити или по оформување на еден профил со тригодишна или четиригодишна програма како вонредни ученици да се образуваат за друг профил или струка.

Исто така учениците по завршување на тригодишно или четиригодишно образование имаат по извесен период можност да го продолжат своето образование во петтиот степен на образование како  вонредни ученици.

Дипломата (сертификатот на знаења) што училиштето ја издава за завршено четиригодишно образование е валиден документ кој дозволува упис на институции за вишо и високо образование.
Ученички стандард

Училиштето располага со сопствен простор за изведување на настава во кабинетите во две смени којшто е максимално искористен. Учениците што се запишуваат се со успех којшто е приближно еднаков со претходните години и се надеваме дека овој тренд и понатаму ќе продолжи. Училиштето не поседува сопствен ученички дом, но затоа во негова непосредна близина се наоѓа ученичкиот дом "Лазар Лазаревски" со кој имаме соработка континуирана соработка која во иднина очекуваме да се подобрува.

Учебниците во поголем дел учениците ги обезбедуваат сами со средства на родителите (сопствени средства).

Училиштето исто така се залага што е можно повеќе да одреден број ученици добиваат стипендии или кредит за нивното школување.

Воннаставна воспитно-образовна дејност

Нашето училиште не е само место за здобивање на знаења во редовната настава туку тоа се случува и преку активирање на учениците во повеќе ученички секции, додатна и дополнителна настава и тоа на доброволна основа.

Но и покрај тоа овие активности ги има од разни области и ги посетуваат голем број ученици. Особено е интересно што овие активности не се поврзани директно со стручната насоченост, туку од општо образовните предмети и области. Така во рамките на учлиштето постојат следните слободни ученички секции:

•    Литературна секција во која се негува убаво пишаниот збор како продолжувачка традиција на нашиот патрон поетот Коле Неделковски, учество на конкурси, литературни каравани низ Македонија при што на еден од нив и ние како училиште бевме домакини,
•    Рецитаторска секција во рамките на која се подготвуваат музичко-сценски колажи кои ги изведуваме како пред родителите и ужениците, така и пошироко пред граѓанството на град Велес,
•    Ликовна секција во рамките на која учениците со голем успех го развиваат својот ликовен талент и нашето учлиште го красат нивните цртежи.
•    Историска секција чија работа се заснива на проучување на историски настани, личности, со посета на музеи, галерии, цркви, подготвување на ученици за општински регионални и републички натпревари. Во рамките на оваа секција се организираат екскурзии со посета на Музејот на современа уметност, Историскиот музеј на Македонија, Црквата Св.Спас со посета на гробот на Гоце Делчев се со цел запознавање на националната историја, културното богатство и развивање на чувство за естетика,
•    Во рамките на наставата по наставниот предмет Географија секоја година се изведува екскурзија со посета на планетариум,
Бидејќи во владение на нашето училиште е и објектот на училиштето во с. Војница како историски објект во кое е сместена спомен собата музеј посветен на нашиот патрон Коле Неделковски ние заживеавме еден интересен проект. Тоа е анимирање на овој објект преку одредени организации кои егзистираат во нашето училиште како што се планинарската секција во сколп на градското планинарско друштво, еколошката секција (огранок на градското друштво),  и многу други активности. Така го негуваме пишаниот збор како продолжувачи на делото на нашиот патрон, но ги негуваме и етнолошките и културните традиции правејки етнолошко катче со делови од носии, стари предмети кои повеќе не се во масовна употреба, дружење, соработка и тимско работење. Со логорувањата кои ние ги организираме се поттикнува љубовта кон природата со здрава и чиста околина, ориентација во простор на терен и подготвување на локални народни специјалитети-здрава и еколошки чиста исхрана. Во рамките на овие активности спаѓа и грижата и заштитата на здравјето на учениците со престојување во природа, одржување предавања за штетното влијание на пушењето, алкохолот и дрогата.

Дополнителна и додатна настава се организира како дополнување на редовната настава и тоа по сите наставни предмети согласно со барањата на учениците и реалните потреби за тоа искажани од одделните предметни наставници.

Во текот на целата година секој од стручните активи спроведува активности за избор на ученици кои ќе земат учество на општински, регионални и државни натпревари. Овие ученици понатаму со помош на одредени наставници-ментори се подготвуваат за гореспоменатите натпревари.

Во соработка со Агенцијата за млади и спорт е отворена и активно работи Канцеларија за борба против дрога.

Начин и место на реализација

Училиштето работи во две смени. Во рамките на наставно образовната дејност оваа година ќе се прават напори за подобрување на педагошката работа во учлиштето, се со цел надминување на минатогодишните пропусти, особено во работата на наставниот кадар. Се планира комплетирање на плановите за работа (дневни, неделни и месечни) како и организирање на дополнителна и додатна настава и застапеност на ученички активности.

Сето ова ќе се реализира во 29 кабинети и училници приспособени за соодветни наставни предмети, две електро работилници, лабараторија по електрични мерења и машинска работилница и спортска сала за изведување на наставата по Физичко образование и воспитание и Спорт и спортски активности, спортски терени околу училиштето и полигон за безбедност и вештини на управување со моторни возила.

Професионално ориентирање и советување
    
Службата за ПОС во училиштето постои и се планира да се усовршува преку работилници организирани од тимот на работните групи на БРО на ниво на република.

Службата за професионално ориентирање и советување во рамките на училиштето е од голема корист за учениците кои треба да одлучуваат за својата иднина. За таа цел се ангажирани еден професор од наставата, училишниот педагог и социолог, кои континуирано се едуцираат.

Правила на работење и однесување во училиштето

Правилата на работење и однесување во училиштето се опишани во училишниот Кодекс за однесување на учениците и училишниот Кодекс за однесување на наставниците. Во овие два кодекса се опфатени основните барања и начела што го определуваат однесувањето на ученикот и професионално-етичкото однесување на наставниците и стручните соработници.

Кодексот за однесување на наставниците и стручните соработници опфаќа:

•    Основни норми и начела
•    Професионален лик на наставникот-стручниот работник и струката
•    Наставникот и часот
•    Наставникот-стручниот работник и ученикот
•    Наставникот-стручниот работник и родителот
•    Меѓусебен однос на наставниците и стручните работници
•    Наставникот-стручниот работник и училиштето
•    Наставникот-стручниот работник и општествената заедница
•    Завршни одредби
Кодексот за однесување на учениците опфаќа:

•    Основни норми и начела
•    Ликот на ученикот
•    Ученикот и учењето
•    Ученикот и наставниот час
•    Меѓусебен однос на учениците
•    Односот на ученикот кон училиштето, семејството и пошироката заедница
•    Завршни одредби
Секоја од горенаведените точки опфаќа одреден број подточки во кои истите се детално опишани. Сите наставници стручни работници и ученици се должни да го почитуваат кодексот на училиштето. За непочитување на кодексот одговорен е прекршителот лично.

СЛОБОДА НА УЧИЛИШТЕТО

Демократскиот развој на општеството во целина, а со тоа и во образованието, ни овозможува поголема слобода во креирање на програмските документи како што се Училишниот курикулум, курикулумите на стручните активи а таа слобода доаѓа до израз конкретно во курикулумот за наставен предмет и во начинот на реализацијата на наставните целини низ наставата.

Демократијата на потребите и интересите на учениците се реализира во повеќе свери и форми на организирање на учениците во секции за слободни активности или потреба од додатна или факултативна настава, избор на наставни предмети значајни за натамошното образование на учениците.

Во поглед на слободното креирање на организацијата до израз доаѓа тимското работење во вкупната образовно-воспитна дејност во училиштето. Во таквото работење се ангажира раководниот тим, Советот на родителите, Стручните активи, стручните работници, координаторот па се до организирањето на класната заедница на учениците.

ИЗВОРИ НА ФИНАНСИРАЊЕ НА УЧИЛИШТЕТО

Училиштето се финансира од државниот буџет, од партиципација на учениците, од сопствени извори, спонзори и донатори.

Финансирањето на училиштето од страна на државниот буџет е дефинирано со законот за финансиране на државните училишта во Република Македонија и е во надлежност на Министерството за образование на Република Македонија.

Како сопствени извори на финансирање на училиштето се јавуваат профитабилните ангажмани на машинската работилница, сопствената авто школа и комисија за полагање на возачки испит, одржување на теоретски и практични испити за кандидати кои се школуваат вонредно, како и во форма на обука на кадар од локалните претпријатија во договор со истите.

Како спонзори и донатори се јавуваат локални претпријатија и невладини организации кои имаат за цел да финансираат во образованието.
Вие сте на: Home