ДУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ – СОРАБОТКА НА СТРУЧНИТЕ УЧИЛИШТА СО СТОПАНСТВОТО

Денеска во Скопје, на настанот SUBEX – Suppliers Balkan Expo, во организација на Делегацијата на германското стопанство во Република Северна Македонија беше промовирана петтата генерација на „Дуалци“ од образовните профили Техничар за производно машинство и Техничар за индустиска мехатроника.
На настанот, на кој учествуваа 20 компании како изложувачи и 300 претставници на компании од Германија и регионот, целта беше промоција на извозот од Република Северна Македонија и остварување на Б2Б состаноци со цел поврзување на домашните компании добавувачи од ИТ, металната, електро, текстилната, дрвната и прехрамбената индустрија со компании купувачи од Германија, Грција, Романија, Турција, Албанија и Косово.
Во фокусот на настанот SUBEX е и значењето на дуалното стручно образование.
„Сакаме да го поврземе синџирот на добавувачи и да го зајакнеме во цела Југоситочна Европа (ЈИЕ), а дуалното стручно образование, меѓу другото, е патот кон тоа. Многу е важно регионот да го гледаме како целина. Државите тука се прилично мали, но регионот на ЈИЕ како заеднички пазар е интересен за германските компании“, изјави директорот на Делегацијата на германското стопанство во земјава, Патрик Мартенс.
Оваа учебна година во ССОУ „Коле Неделковски“ покрај образовниот профил од дуалното образование – Техничар за производно машинство, за првпат се запишаа и ученици во дуалната паралелка Техничар за индустиска мехатроника. Дуалните паралелки се резултат на потребите на пазарот на трудот, односно претставуваат намалување на јазот помеѓу потребите на компаниите и она што го нуди стручното образование. Дуалното образование се реализира во согласност со германските стандарди за стручно образование.
Честитки, многу среќа и успех во натамошното образование на учениците „Дуалци“!