Меѓуиспит по германски стандарди

Денеска, 01.03.2023 година (среда) со почеток во 10.00 часот, во ССОУ ,,Коле Неделковски“, учениците од паралелките IV – 1 и III-1 од струката „Техничар за производно машинство“, полагаа Меѓуиспит по германски стандарди.
Меѓуиспитот кој има значење на пробен испит, има за цел да ги подготви учениците за претстојното полагање на Завршен испит кој треба да се реализира на крајот од месец јуни. На овој начин учениците се запознаваат со видот и тежинското ниво на задачите кои на крајот на образованието би го полагале. Меѓуиспитот опфаќа полагање само на теоретски дел, додека завршниот испит, полагање на теоретски дел во училиште и практичен дел во компанија.
Како дел од комисијата која го спроведуваше денешниот меѓуиспит беа и менторите од компаниите „Маркарт-Македонија” и „Брако”, г-дин Трајче Каров и г-ѓа Олгица Минова. Во компаниите – партнери на училиштето, учениците ја реализираат програмата за „Учење преку работа кај работодавач“ и „Феријалната практика“ во текот на летниот период.
Г-динот Дејан Чуповски, претставник на Делегацијата на Германското стопанство во Република Северна Македонија, задолжен за дуалното стручно образование, учествуваше во целокупниот процес на разгледување, избор и составување на испитниот материјал врз основа испитни прашања кои се во согласност со германскиот модел на дуално образование. Денеска тој го мониторираше целокупниот процес на спроведување на испитот.
Дуалното образование добива сè повеќе на популарност во С. Македонија. Германскиот модел за едукација и обука дава можност раст и развој македонската економија. Проектот се развива, а во него се вклучуваат сè повеќе домашни компании.
Делегацијата на германското стопанство кое го стартуваше проектот – дуално образование во соработка со компаниите-партнери, училиштата и државните институции, покрај квалификацијата од машинска струка „Техничар за производно машинство“, од оваа учебна година во училиштето е застапена и со квалификацијата „Техничар за индустриска мехатроника“ од електротехничката струка.